Куба се соочува со најтешката економска криза по револуцијата на Кастро
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Куба наскоро ќе падне и дека Хавана е подготвена за договор со Вашингтон.
„Куба ќе падне наскоро“, рече Трамп во телефонско интервју за американската телевизија Си-Ен-Ен во петокот, додавајќи дека државниот секретар Марко Рубио ќе биде испратен да ги води преговорите.
„Тие сакаат да постигнат договор, па затоа ќе го испратам Рубио таму и ќе видиме како тоа ќе функционира. Навистина сме фокусирани на ова во моментов. Имаме многу време, но Куба е подготвена – по 50 години“, изјави Трамп.
Американскиот претседател претходно посочи дека Куба е „нација многу блиску до пропаст“. Тој нагласи дека државата добивала средства и нафта од Венецуела, но по интервенциите на САД, ова веќе не е можно.
Трамп најави и „пријателско преземање“ на Куба, иако досега не се случила ниту анексија, ниту колапс на земјата. Односите меѓу Хавана и Вашингтон се затегнати со децении, а карипскиот остров се соочува со најтешката економска криза по револуцијата на Фидел Кастро во 1959 година. Еден од главните проблеми е недостигот на гориво поради блокадата на испораките на нафта од Венецуела.
