Отворена можност за поддршка на венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе мора веднаш да ја разгледаат можноста за поддршка на венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо, која во моментов престојува во Норвешка.

Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп одговараше на прашање дали Вашингтон би застанал зад Мачадо во процесот на преземање на власта во Венецуела.

– Ќе мора веднаш да го разгледаме тоа, рече Трамп.

Тој се осврна и на политичката состојба во земјата, коментирајќи ги изборите и улогата на актуелното раководство.

– Тие имаат потпретседател, како што знаете. Не знам какви избори беа тоа, но, знаете, изборот на Мадуро беше срам, изјави американскиот претседател.

Порака по апсењето на Мадуро и детали за операцијата

Трамп оцени дека апсењето на Николас Мадуро има симболично и политичко значење и дека претставува јасен сигнал за нов пристап на САД.

– Апсењето на Мадуро испраќа сигнал дека повеќе нема да бидеме, повеќе нема да бидеме туркани наоколу, рече тој.

Во разговорот, Трамп нагласи дека Соединетите Американски Држави секоја година губат стотици илјади луѓе поради дрогата и порача дека тоа повеќе нема да се толерира.

Зборувајќи за самата операција во Венецуела, Трамп откри дека таа била планирана неколку дена порано.

– Тоа требаше да се направи пред четири дена, но времето не беше совршено, рече Трамп.

Тој додаде дека одлуката била донесена кога условите конечно се совпаднале.

– Времето мора да биде совршено. Одеднаш се отвори и рековме одиме, изјави тој.

Трамп на крајот опиша дека Мадуро, во моментот кога бил заробен, се наоѓал во објект со исклучително високо ниво на обезбедување.

– Тој беше во куќа што повеќе личеше на тврдина отколку на куќа, со цврст челик околу себе, рече американскиот претседател.