Американскиот претседател објави признавање на актуелната влада на Венецуела

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека Вашингтон официјално ја признава актуелната венецуелска влада како легитимна, јави агенцијата ДПА. Тој ја истакна оваа одлука во обраќањето пред лидерите на земјите од Латинска Америка и Карибите на самит во американската сојузна држава Флорида.

– Задоволство ми е да објавам дека оваа недела официјално ја признавме венецуелската влада. Всушност, законски ја признавме – рече Трамп пред лидерите, кои се собраа за формирање на нов сојуз за безбедност во регионот.

Обновување на дипломатските односи и реакција на опозицијата

Преодната влада на Венецуела и администрацијата на Трамп неодамна се договорија за обновување на дипломатските односи меѓу двете земји. По американската воена операција на 3 јануари, во која претседателот Николас Мадуро беше заробен и одведен во САД, потпретседателката Делси Родригез беше именувана за вршител на должноста претседател.

Венецуелската опозиција, предводена од добитничката на Нобеловата награда за мир за 2025 година, Марија Корина Мачадо, не ја признава владата на Родригез за легитимна.

Вашингтон, од своја страна, наведува дека соработката со актуелните власти во Каракас има за цел постепено да се создадат услови за мирен премин кон демократски избрана влада, која ќе ја одразува волјата на венецуелскиот народ.