Американскиот претседател Доналд Трамп најави изготвување указ со кој земјоделците и сточарите во САД би добиле можност сами да ја преработуваат храната. Според него, мерката има цел да се спротивстави на, како што го нарече, „одвратниот монопол“ на големите преработувачи на храна.
Трамп ова го објави денеска на својата социјална мрежа „Трут соушл“, без да посочи на која конкретна прехранбена индустрија се однесува мерката. Сепак, тој наведе дека „овластува брзо изготвување правни документи“.
Претходно, Трамп најави дека ќе испита дали постојат премногу регулативи за погоните за преработка на говедско месо.
Индустријата за преработка на месо во САД се соочува со најниско ниво на понуда во последните 75 години. Растечките трошоци за одгледување добиток ги надминуваат остварените профити, што е поврзано со зголемените цени.
Четири компании контролираат околу 85 проценти од преработката на месо во САД – „Каргил“ (Cargill), „Тајсон фудс“ (Cargill), „Џеј-би-ес Ју-Ес-еј“ (JBS USA) и „Нешнал биф пакинг ко“ (National Beef Packing Co.).
Трамп минатата недела, исто така, соопшти дека ќе биде дозволено увезување на поголеми количини мелено говедско месо без царини.
Во меѓувреме, американското Министерство за правда истражува дали компаниите за пакување месо незаконски ги зголемиле цените на говедското месо.
