Американскиот претседател со остар тон кон Москва

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е „многу разочаран“ од рускиот лидер Владимир Путин, само неколку дена пред посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Вашингтон.

„Многу сум разочаран, бидејќи Владимир и јас имавме многу добри односи. Веројатно и сè уште ги имаме. Но, не знам зошто продолжува со оваа војна“, изјави Трамп. Ваквата изјава следува по заедничката прес-конференција со аргентинскиот претседател Хавиер Милеј во Белата куќа.

Критика за долгата војна и спорни бројки

Трамп истакна дека Путин „требало да ја добие војната за една недела“, а сега конфликтот влегува во четвртата година. Тој наведе дека Русија изгубила околу милион и пол војници, бројка што не се совпаѓа со проценките на западните разузнавачки служби. Според тие податоци, вкупниот број на убиени и ранети руски војници е околу еден милион, а истрагата на порталот „Медиазона“. Рускиот сервис на Би-би-си потврдува над 135.000 загинати до октомври 2025 година.

Трамп: „Ако Путин не прифати мир, ќе испратам Томахавци“

Како што објави „Фајненшл тајмс“, односите меѓу Трамп и Зеленски се подобриле во текот на летото, откако американскиот претседател се разочарал од Путин и неговото одбивање да ја прекине војната. Неименувани извори откриваат дека Трамп размислува за условна поддршка за Украина, наводно изјавувајќи: „Ако Путин не прифати мир, ќе им испратам Томахавци.“
Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека испораката на вакво оружје би претставувала „сериозна ескалација“ во односите меѓу Москва и Вашингтон.