Пред неколку дена, Пентагон ѝ наложи на Централната команда на САД да ги финализира подготовките за продолжување на големите борбени операции во Иран, изјавија американски официјални лица.
Во директивата не беше наведен датум за започнување на напад, а претседателот Доналд Трамп сè уште нема донесено конечна одлука. Сепак, американски и израелски извори укажуваат дека тоа би можело да се случи пред американските избори на средината на мандатот, а можеби дури и пред израелските избори, кои се закажани една недела порано.
Доколку продолжат големите борбени операции, се очекува тие да вклучуваат масовни кампањи на бомбардирање насочени кон иранските енергетски капацитети, инфраструктурата и нуклеарните локации, според наводите на изворите.
Избувнувањето на војна во следните три до четири недели би можело да влијае на изборите на средината на мандатот, делумно поради потенцијалниот скок на цените на нафтата.
„Задачата на Министерството е да развие и да му претстави воени опции на претседателот“, изјави за „Аксиос“ (Axios) претставник на Пентагон.
Претставник на Белата куќа изјави дека Трамп во секое време ги има на располагање сите опции.
„САД се во многу силна позиција, контролирајќи го Ормускиот теснец додека иранската економија колабира. Иран е уништен, а работите ќе тргнат во една од двете насоки: полесниот или потешкиот пат. Претседателот Трамп ги држи сите адути во свои раце и ќе го направи она што е најдобро за Соединетите Држави“, рече претставникот.
Претходно во средата, магазинот „Атлантик“ (The Atlantic) објави дека Трамп размислува за напад врз Иран пред изборите на средината на мандатот. Тимот за национална безбедност на Трамп се состана во „Кемп Дејвид“ во петокот и неколку часа разговараше за војната и за други прашања.
Израелски претставник изјави за „Аксиос“ дека дел од состанокот бил посветен на можното продолжување на големите борбени операции во Иран.
Американскиот државен секретар Марко Рубио по состанокот изјави дека фокусот бил ставен на „долгорочното“ планирање на надворешната политика.
Преговорите меѓу САД и Иран не бележат напредок. Катарските посредници сè уште го очекуваат одговорот на Иран на американскиот контрапредлог, кој вклучува барања за отстапки во врска со нуклеарната програма. „Се интензивираа дискусиите за можното обновување на големи борбени операции во Иран. Веројатноста тоа да се случи пред изборите не е голема, но не ја исклучуваме таа можност. По изборите на средината на мандатот, шансите за такво нешто значително се зголемуваат“, изјави втор израелски функционер.
Претседателот Трамп во средата разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тоа беше нивниот втор разговор во рок од два дена, по неколкунеделен период на речиси целосен прекин на комуникацијата.
Американски функционер изјави дека Трамп и Нетанјаху разговарале за „сеќавањето и оддавањето почит на жртвите од масакрот на 7 октомври“.
Разговорот се одржа откако Нетанјаху одржа состанок со својот тим за национална безбедност во врска со Иран, наведе првиот израелски функционер.
Нетанјаху во понеделникот разговараше со Рубио.
Доколку се обноват големите борбени операции, САД и Израел најверојатно ќе дејствуваат координирано, со учество на израелската војска. Двајца израелски функционери изјавија дека иранскиот режим е очаен и параноичен, што би можело да го наведе прв да изврши напад. Тие истакнаа дека Иран веќе претрпел два ненадејни напади и не сака да доживее трет.
Продолжувањето на конфликтот би можело да влијае и врз изборите во Израел, бидејќи Иран веројатно би истрелал стотици балистички ракети кон Израел како одмазда.
Нова ескалација – или дури и зголемени тензии или вонредна состојба – би можела политички да му користи на Нетанјаху и да ги спречи неговите противници да го напаѓаат во завршната фаза од кампањата.
