Трамп со порака до Зеленски во интервју за „Фокс њуз“ по средбата со Путин
Американскиот претседател Доналд Трамп, веднаш по завршувањето на прес-конференцијата со Владимир Путин, даде интервју за Шон Ханити од „Фокс њуз“. Водителот е познат како страствен поддржувач на Трамп и активен учесник во неговата кампања. Претходно беше објавено дека Трамп ја оценил средбата со рускиот претседател со највисока оценка и изразил големо задоволство од исходот. На прашањето од водителот како би ја оценил средбата, Трамп беше јасен: „На скала од еден до 10, денес давам 10“. Во текот интервјуто Трамп со порака до Зеленски.
Телевизијата „Фокс њуз“ го најави интервјуто како ексклузивен увид зад сцената на историски состанок, споредлив со посетата на Ричард Никсон на Кина во 1972 година.
Трамп рече дека имал многу добар состанок со Путин, но откри дека „една голема работа“ спречила конечен договор. Тој одби да открие детали, но нагласи дека верува оти Путин сака војната да заврши.
„Мислам дека тој сака таа да заврши“, рече Трамп, без да ја открие точката на спор. Тој го пофали Путин што се согласил со неговото тврдење дека војната во Украина „никогаш немаше да се случи“ доколку тој бил претседател на САД во времето на инвазијата. Не можам да кажам дека постигнавме договор, но постигнавме напредок. Сакам луѓето да престанат да умираат. Бев среќен кога Путин рече дека војната немаше да се случи ако јас бев претседател, додаде Трамп.
Тој го обвини неговиот претходник Џо Бајден за избувнувањето на конфликтот.
„Оваа војна не требаше да се случи. Многу војни никогаш не требаше да се случат. За жал, се случуваат глупави работи. Бајден беше ужасен претседател и не требаше да дозволи војната да се случи“, рече Трамп, нагласувајќи дека е потребно да се заврши конфликтот.
Трамп откри дека накратко разговарал со Путин и по прес-конференцијата. „Имавме краток, многу искрен разговор“, изјави тој.
Трамп спомена и можност за средба меѓу Зеленски и Путин, при што навести дека и самиот би можел да присуствува, но не даде детали за време или локација.
Иако повтори дека е постигнат „голем напредок“, тој остана претпазлив. „Нема договор додека нема договор“, рече Трамп, додавајќи дека повеќето спорни прашања се решени. „Се согласивме за многу точки. Има една или две значајни точки, но мислам дека можат да се решат“, објасни тој.
Според Трамп, клучната одлука сега е на украинската страна. „Тоа воопшто не е завршена работа. Украина мора да се согласи. Претседателот Зеленски мора да се согласи. Сега навистина зависи од него“, изјави тој.
Доналд Трамп му испрати јасна порака на украинскиот претседател. „Склучи договор, мора да склучиш договор“, рече тој.
Како причина ја наведе воената супериорност на Русија. „Русија е многу голема сила, а тие не се“, заклучи Трамп.