Трамп ја паузираше емиграцијата од 19 држави

Американскиот претседател Доналд Трамп упати серија остри критики кон Сомалија и кон сомалиската мигрантска заедница, по објавата на неговата администрација дека се стопираат сите апликации за имиграција од 19 неевропски држави. Како образложение се наведуваат националната и јавната безбедност.

Паузирани имиграциски процедури за 19 држави

Трамп се обрати на административен состанок посветен на случај во Минесота, каде што, според локалните правосудни органи, преку лажни сметки поврзани со Сомалијци биле исплатени над една милијарда долари на непостоечки социјални служби. Паралелно, администрацијата соопшти дека се паузираат сите имиграциски барања – меѓу кои зелени карти и апликации за државјанство – од земјите што се најдоа под делумни ограничувања уште во јуни. На листата се Авганистан, Бурма, Чад, Конго, Еритреја, Хаити, Иран, Либија, Сомалија, Судан, Јемен, Венецуела, Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того и Туркменистан.

Убиен гардист како дополнителен мотив

Во официјалниот меморандум се посочува и на неодамнешниот напад во Вашингтон врз припадници на Националната гарда, при што еден гардист беше убиен, а друг сериозно повреден. Осомничен за нападот е Авганистанец. Документот бара „темелно преиспитување“ на сите барања, вклучително и можни интервјуа и повторни интервјуа со апликантите. Откако се врати во Белата куќа во јануари, Трамп го засили фокусот на построга примена на имиграциските закони, испраќање федерални агенти во големите градови и интензивирање на депортациите. Минатата недела тој изјави дека има намера „трајно да ја суспендира имиграцијата од сите земји од третиот свет“.