Американскиот претседател најави највисока можна стапка досега – царините за увезени лекови да се обложат со 250% царина

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека царините за увезени лекови би можеле да достигнат дури 250 проценти. Изјавата ја даде во интервју за телевизијата CNBC, пренесува американскиот медиум.

„Ќе започнеме со мала ставка“, рече Трамп. „Но за една година, година и пол, ќе се искачиме на 150 проценти, а потоа на 250“, додаде тој.

Ова е досега највисоката стапка што американскиот претседател ја најавил како можност. Како што објасни, крајната цел е враќање на производството на лекови во Соединетите Американски Држави.

Според CNBC, Трамп и претходно упатувал слични закани. Сепак, некои од нив биле ублажени или повлечени. На почетокот на јули, најави царина од 200 проценти за увезени лекови.

Администрацијата на Трамп во април отвори истрага врз основа на член 232 од Законот за проширување на трговијата од 1962 година. Тој член му овозможува на претседателот да воведува царини за заштита на националната безбедност.

„Сакаме лекови да се произведуваат во земјата“, рече Трамп. Тој додаде дека со овие мерки сака да ги охрабри фармацевтските компании да го вратат производството во САД.

Фармацевтскиот сектор во Соединетите Држави значително опаднал во последните децении. Во изминатите шест месеци, компании како „Ели Лили“ и „Џонсон и Џонсон“ веќе најавија нови инвестиции во земјата.

Минатата недела Трамп испратил писма до 17 фармацевтски компании. Во нив побарал до 29 септември да се обврзат на мерки за намалување на цените. Меѓу барањата се и доставување список на лекови со најниски цени што ги нудат во другите развиени земји. Тој список би бил наменет за секој пациент кој е дел од американската здравствена програма „Медикејд“.

Во денешното интервју за CNBC, Трамп најави и нови царини за увоз на чипови и полупроводници. Мерката, според него, ќе стапи во сила „веќе следната недела“.

„Ќе ги објавиме царините затоа што сакаме овие производи да се произведуваат и во Соединетите Американски Држави“, потенцираше претседателот.