Претседателот на САД, Доналд Трамп објави дека САД засега ги одложуваат планираните нови воени напади врз Иран, наведувајќи дека постои напредок во обидите за постигнување дипломатски договор. Според него, прекинот на воените активности ќе зависи од тоа дали договорот ќе биде постигнат во краток рок.
Во објава на платформата „Truth Social“, Трамп посочи дека американските сили биле подготвени да извршат напади „со полна сила“, но дека Иран и други земји од регионот побарале Вашингтон да се воздржи бидејќи биле договорени рамките на можен договор.
Според Трамп, договорот би предвидувал целосно повторно отворање на Ормутскиот Теснец и спречување на, како што го нарече, иранскиот нуклеарен ризик. Тој додаде дека и Израел би го почитувал договорот.
Американскиот претседател не објави дополнителни детали за наводниот дипломатски напредок, а Иран и другите земји вклучени во разговорите сè уште не ги коментираа неговите тврдења.
Претходно, Техеран предупреди дека ќе одговори со напади врз критична инфраструктура во Израел и земјите од Заливот доколку САД извршат нови удари врз ирански цели. Според медиумските информации, меѓу потенцијалните цели на американските напади би можеле да бидат и ирански енергетски објекти.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи порача дека вооружените сили на земјата ќе одговорат на секој нов напад, додека Саудиска Арабија, според американски медиуми, побарала од Трамп деескалација на тензиите.
