Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека нафтата од Венецуела ќе биде искористена за надополнување на американските стратешки резерви. Според него, процесот треба да започне наскоро, со цел да се ублажат последиците од нарушеното глобално снабдување и да се намалат високите цени на горивата.

– Нафтата е подарок од Венецуела за народот на САД – посочи Трамп.

Најавата следува откако Вашингтон и Каракас постигнале договор со кој се предвидува мнозинска американска контрола врз повеќе од 65 милијарди барели докажани резерви на нафта во Венецуела. Трамп го оцени договорот како „најголем договор за нафта во историјата на светот“.

– Тие обезбедија мнозинска контрола на САД врз повеќе од 65 милијарди барели докажани резерви на нафта во Венецуела, без никакви трошоци за американските даночни обврзници – објави вчера Трамп на „Трут соушл“.

Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, изјави дека договорот опфаќа „развој на 17 стратешки полиња со докажан потенцијал од 65 милијарди барели нафта, инвестиции од над 100 милијарди долари и повеќе од 209 милијарди долари даночни приходи за државата“.

Сепак, засега не се познати деталите за тоа кои приватни компании ќе учествуваат во реализацијата на договорот. Не е прецизирано ниту како точно ќе изгледа „мнозинската контрола“ на САД, како и кога дополнителните количества венецуелска нафта би можеле да се појават на американскиот пазар.

Договорот е постигнат речиси девет месеци откако американските сили го соборија и затворија поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро. Оттогаш САД се обидуваат да ги зголемат испораките на венецуелска нафта до американските рафинерии и да ги привлечат американските компании во енергетскиот сектор на Венецуела, кој со години е запоставен.