Претседателот на САД, Доналд Трамп, планира официјална посета на Атина, изјави американската амбасадорка во Грција, Кимберли Ен Гилфојл. Изјавата, дадена во Атина, укажува на зголемен интерес на Вашингтон за југоисточниот Медитеран.

Гилфојл говореше на презентација на нов документарен филм за првата дама на САД, Меланија Трамп, каде што посочи дека со нетрпение ја очекува посетата на американскиот претседател и неговата сопруга во Грција, објави Euractiv.

„Знам дека претседателот ќе дојде и навистина се радувам на нивната посета, исто така и на Меланија. Тоа би било голема чест за земјата“, рече Гилфојл.

Амбасадорката не прецизираше кога би се реализирала посетата, ниту дали Трамп ќе посети и други земји од стратешко значење за САД, како Израел, Кипар или Турција.

Според Euractiv, и самото најавување на ваква посета има политичка тежина за Југоисточна Европа, регион обременет со тензии поради поморските спорови, особено меѓу Грција и Турција, како и несогласувањата околу енергетските ресурси.

Од реизборот на Трамп, американските компании ги зголемиле инвестициите во истражување на гас и нафта во Источниот Медитеран.

Гилфојл претходно ја опиша Грција како „клучен играч во енергетската иднина на Европа“.

За разлика од повеќето партнери на САД во Европската Унија, Атина го дели ставот на Трамп дека Европа треба да го зголеми увозот на течен природен гас (LNG) од САД.

Аналитичарите оценуваат дека зголемениот американски интерес за енергетскиот потенцијал на Југоисточна Европа може да влијае врз постојните односи и да изврши притисок врз долгогодишните соперници да бараат политичко решение.