Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран „малку се заиграл“, осврнувајќи се на најновите случувања во конфликтот, откако Техеран утрово ја повлече одлуката за повторно отворање на Ормускиот Теснец.

Тој го намали значењето на овој потег, посочувајќи дека „се во тек многу добри разговори“.

– Ситуацијата се развива многу добро. Тие сакаат повторно да го затворат теснецот, одиграа мала игра, како што правеа 47 години. Не можат да нè уценуваат. Ќе имаме некои информации до крајот на денот. Разговараме со нив, заземаме цврст став – рече Трамп.

Тој повтори дека САД во голема мера ја уништиле иранската морнарица, воздухопловни сили и дел од раководството.

Трамп зборуваше во Белата куќа, каде што потпиша извршна наредба за ублажување на ограничувањата за терапија со психоделични лекови, заедно со стримерот Џо Роган, кој ја поддржува оваа мерка.

Во меѓувреме, неименуван ирански извор изјави дека Техеран сè уште не се согласил на одржување втора рунда преговори со САД.

Изворот наведе дека Иран смета оти Вашингтон поставил прекумерни барања во текот на размената на пораки, а нивното повлекување го поставил како услов за продолжување на разговорите.

– Ѝ кажавме на американската страна преку пакистански посредник дека не се согласуваме на втора рунда – изјавил изворот.

Според него, Техеран не сака да губи време на долготрајни преговори без конкретни резултати.

Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Саид Хатибзаде, на Дипломатскиот форум во Анталија изјави дека Трамп „зборува премногу“, коментирајќи ги неговите неодамнешни изјави за можни нови напади доколку не се постигне договор.

– Тој кажа контрадикторни работи во истата изјава. Не знам точно што мислеше – рече Хатибзаде.

Тој додаде дека Иран смета дека војната не може да донесе позитивен исход, но нагласи дека земјата е подготвена да се брани.

– Ќе се бориме до последниот ирански војник – порача тој.