Трансформација на Кисела Вода преку нови градинки, училишта и спортски сали
Во текот на изминатите четири години, ВМРО-ДПМНЕ спроведуваше целосна трансформација на Кисела Вода, која опфаќаше целосно подобрување на инфраструктурата, изградба на нови градинки, модернизација на училишта, како и развој на спортски терени и сали.
„Посветената работа и вложениот труд вродија со плод, во последните четири години се изградија пет нови градинки, а уште пет се реконструираа, проширија и се модернизираа со најсовремени услови. Целта да се стави крај на листите за чекање за прием во детските градинки, се постигна. Од наследена листа со 450 деца кои чекаа упис, сведена на нула. Паралелно се вложуваше и во основното образование, се модернизираа училниците, се поставуваа фотоволтаици, се градеше училишна спортска инфраструктура, а во моментов две училишта се во фаза доградба со цел да се создадат услови за воведување едносменско работење во сите основни училишта“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Спортска и патна инфраструктура во фокусот
„Изминатите четири години, во Кисела Вода значително се развиваше спортската инфраструктура, така што се изградија повеќе од 20 спортски терени, во моментов се градат три нови спортски сали, четири се целосно реконструирани и во ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ беше пуштен целосно нов затворен базен. Патната инфраструктура беше во центарот на вниманието, за четири години се инвестираше во сите населени места и се изгради нова и реконструираше постоечката во должина од 70 километри, со обновена подземна водоводна и канализациска мрежа“, додаваат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека сите овие активности се дел од континуираната посветеност на подобрување на квалитетот на живот во општината и обезбедување услови за образование, спорт и инфраструктура за сите граѓани.