Транспаренси интернешнал забележува напредок, но предизвиците остануваат
Македонија се искачи на 84 место од вкупно 182 држави на Индексот на перцепција на корупцијата (CPI) за 2025 година, покажува најновиот извештај на Транспаренси интернешнал. Годинава земјата се помести за четири позиции нагоре во споредба со 88-то место од претходната година и доби 40 поени.
„Формално сме позиционирани четири места подобро на ранг-листата од минатата година 84 позиција. Ова подобрување покажува дека минатата година во борбата против корупцијата ни одело подобро од 4 други држави,“ изјави претседателот на Транспаренси интернешнал-Македонија, Благоја Пандовски.
„Македонија има константа како почетна точка од која работите треба да тргнат на подобро,“ додаде Пандовски.
Системски слабости и регионална споредба
И покрај напредокот, клучните проблеми остануваат: неефикасни и недовршени реформи во судството и обвинителството, кои не обезбедуваат ефикасен, независен и одговорен правосуден систем.
Во регионален контекст, Македонија е рангирана слично како Бугарија, додека Босна и Херцеговина е на 109 место, а Србија со 33 поени падна на 116 место. Подобро рангирани се Косово (76 место) и Црна Гора (65 место со 46 поени).
Индексот за 2025 година потврдува дека корупцијата останува глобална закана, особено во Источна Европа и Централна Азија, каде што владее неказнивост и лични интереси доминираат во институциите.
Во извештајот се нагласува дека лидерите мора да преземат мерки против злоупотреба на моќта, укинување на демократските контроли и рамнотежа, како и напади врз независното граѓанско општество.
