Преку инклузија и соработка со граѓанскиот сектор може да се јакне свеста на граѓаните за ризиците од климатските промени и тие да се вклучат како активни чинители во зелената транзиција.

За таа цел, тимот на Народната банка, предводен од гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, оствари средба со претседателката на Организацијата за потрошувачи (ОПМ), Маријана Лончар-Велкова, како и со претставници на ОПМ.

На состанокот беа презентирани активностите коишто ги презема Народната банка за поддршка на зеленото финансирање, како суштински сегмент од зелената транзиција, додека, пак, ОПМ ја истакнаа својата заложба за јакнење на свеста на потрошувачите.

На средбата беше посочено дека зголемената свесност за климатските промени и придонес за зелена одржлива економија е една од стратегиските цели на Народната банка, којашто од март 2021 година е и членка на Мрежата за зелен финансиски систем (НГФС), меѓународна мрежа од 150 централни банки и финансиски супервизори, како и на Групата на Виенската иницијатива за климатски промени. Во рамките на покрупните активности на ова поле спроведени досега од страна на централната банка беа посочени спроведувањето на анкетата кај банките и штедилниците за климатските промени и објавувањето на податоците за зелените кредити, како основа за донесувањето на Среднорочниот план на активности за управување со ризиците поврзани со климатските промени 2023 − 2025. Народната банка веќе започна со спроведувањето на активностите предвидени во овој план преку усвојувањето на Насоките за управување со ризиците поврзани со климатските промени и објавувањето на првата анализа за изложеноста на домашниот банкарски систем на ризиците поврзани со климатските промени (во последниот Извештај за финансиската стабилност во 2022 година).

Во рамките на Среднорочниот план, покрај донесувањето на насоките за банките за управување со ризиците поврзани со климатските промени, се предвидува и унапредување на супервизорските практики и методологии со вклучување на ризиците поврзани со климатските промени, стрес-тестирање коешто се однесува на климатските промени, изработка на анализа на влијанието на климатските промени врз активностите на Народната банка и продлабочување на анализите на банкарскиот систем поврзани со овие ризици, како и развивање Политика на одржливост и преземање активности за градење на капацитетот на Народната банка.

ОПМ искажаа поддршка за заложбите на Народната банка и нејзиниот придонес за зелена одржлива економија, а и двете страни изразија интерес за натамошна соработка и на ова поле.