ЈП „Градски паркинг“ – Скопје неодамна го промовираше проектот за изнајмување на 500 електрични тротинети, но веднаш се соочи со првите проблеми бидеќи голем дел од превозните средства беа уништени од несовесни граѓани, пренесува Скопје Инфо.
Целта на проектот беше за подобрување на воздухот во градот Скопје и унапредување на здравјето на луѓето, со тоа што ќе се стимулираат граѓаните да користат алтерантивни начини на превоз, нешто слично како што беше проектот на Град Скопје од 2010 година со изнајмување на велосипеди.
Изнајмувањето велосипеди од 2010 до 2016 година го вршеше ЈП „Градски Паркинг“ – Скопје, а цените беа многу поповолни за разлика од тие на електричните тротинети кои сега се изнајмуваат во главниот град.
ЈП „Градски паркинг“ располагаше со 120 велосипеди, кои можеа да се изнајмат на неколку локации во главниот град, а цената за изнајмување градски велосипед за еден час чинеше 10 денари, додека на велосипед со две седишта чинеше 30 денари. Исто така, се нудеше и опција за месечна претплата од 1.500 денари за градски велосипед и 2.500 денари за велосипед со две седишта.
Проектот кој беше воведен во 2010 година во време на поранешниот градоначалник Коце Трајановски, сепак, издржа само шест години и истиот пропадна повторно поради несовесни граѓани кои ги кршеа, оштетуваа и крадеа велосипедите, а воедно и амортизацијата за нив беше прескапа за јавното претпријатие.
Иако пред неколку години повторно беше актуелна идејата за враќање на проектот со изнајмување на велосипеди, сепак тоа не се случи, а скопјани во меѓувреме ги добија електричните тротинети, кои останува да видиме колку долго ќе издржат во главниот град.