Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска имаше средба со претставниците на Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, на која се разговараше за досегашните и идни активности на здружението.
– Ова здружение претставува сервисна служба за асистивна технологија што нуди три вида услуги за деца со попреченост: индивидуализирана поддршка за користење компјутер и интернет, индивидуална проценка на потребите од асистивна технологија и советодавно-консултативна поддршка за примена на асистивната технологија. Претставниците информираа дека услугите се засновани на пристапот насочен кон личноста и имаат за цел да го поттикнат личниот развој на децата со попреченост. Преку примената на технологијата и професионалниот тим од специјални едукатори, логопеди и лица од ИТ секторот оваа организацијата претставува единствена и уникатна сервисна служба во нашата држава, велат од МТСП.
Министерката Тренчевска истакна дека вклучувањето и подобрувањето на положбата на децата и лицата со попреченост е еден од клучните приоритети на Министерството за труд и социјална политика и на Владата.
Таа изразила поддршка кон здружението во нивните активности и изрази подготвеност за заеднички активности и проекти кои имаат за цел унапредување и воведување на нови социјални услуги кои ќе го унапредуваат квалитетот на живот на децата со попреченост и ќе помогнат до нивно поголемо вклучување во секојдневниот живот.
– Во наредниот период заеднички ќе се развиваат раната интервенција, услугите за советување на семејствата кои имаат деца со попреченост како и примената на асистивната технологија, со цел зајакнување на социјалните услуги, зголемување на нивната пристапност и достапност а се во најдобар интерес на децата со попреченост од најрана возраст, соопштуваат од МТСП.