Има посериозни доближувања кон нашите идеи и она што Министерството за финансии и Владата можат да го понудат во поглед на нашите барања за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, по денешната седница на Социјално-економскиот совет.
Следниот понеделник се очекува претставниците на синдикатите повторно да имаат средба со владините претставници, а дотогаш она што се разговарало денеска, како што посочи Трендафилов, треба да биде пренесено на органите и телата на синдикатите со цел да одлучат, она што го дискутирале денеска, дали е прифатливо за нив и за вработените во јавниот сектор.
„Мислам дека за многу кратко време ќе дојдеме до заедничко решение, што и како ќе се случува со платите на вработените во јавниот сектор, за колкав процент ќе пораснат и дали ќе има исплатата на регресот за годишен одмор и колкав ќе биде. Министерството за финансии треба да ги направи дополнителните пресметки во текот на денот и да ни ги достави за да можеме да донесеме одлуки на нашите органи и тела“,рече Трендафилов.
На новинарско прашање колкав процент зголемување на платите им бил понуден, претседателот на ССМ не даде конкретен одговор.
„Не би сакале да го нарушиме целиот процес додека не ги направиме нашите внатрешни консултации и они нивните. Блуски сме до она што го разговараме. Доколку се направат пресметките правилно ќе се задоволат сите страни“,истакна Трендафилов.
По седницата на Економско-социјалниот совет во понеделникот, Трендафилов изјави дека предлогот на синдикатите е инфлацијата која минатата година беше 14,5 проценти да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор.
По ваквата негова изјава следеа реакции на вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Тие беа зачудени од каде излегол предлогот на синдикатите за зголемување на платата во јавниот сектор да биде 14 отсто.
„Јас не знам од каде 14 отсто кога досега не се разговараше за 14 отсто. Се разговара за систем за плати којшто ќе одговара на сите, да не заборавиме дека платите на дел од државните службеници беа зголемени во март за 2 175 денари, тоа зависно, кај некои е 7 или 8 отсто, а кај други е дури и 16 проценти. Сега во моментов се разговара во рамки на Економско-социјалниот совет да се најде системско решение. Се работи да најдеме систем кој ќе биде во ред и за синдикатите и за работодавачите, односно и за Владата и за сите“,изјави вчера Тренчевска.
Политичарите мора да даваат политички изјави, рече денеска Трендафилов оценувајќи ги изјавите на Тренчевска и Битиќи.
„Синдикатот има разбирање за нивните политички изјави меѓутоа тоа што го разговараме седнати на маса едни со други сметам дека треба да продолжиме да го правиме и во понеделник, евентуално вторник, да имаме конечно решение за платите на вработените во јавниот сектор. Гледаме кој параметар ќе се земе за пресметка на платите и вработените во јавниот сектор од септември да имаат сите за ист процент зголемени плати. Избраните и именуваните функционери, остануваме на ставот, дека треба да покажат добра волја во процесот на преговори со нас за зголемување на платите, да покажат доблест и тоа што го добија како процент за зголемување на платите со одлуката на Уставен да го добијат во март 2025 година кога и ние како вработени ќе добиеме зголемување просечна плата по коефициент на сложеност“,рече Трендафилов.