Бојкот на маркетите заради скапотијата

Македонските граѓани, инспирирани од трендот во регионот, почнаа да повикуваат на бојкот на големите маркети како знак на протест против високите цени. По социјалните мрежи се шири иницијатива за масовен бојкот, со цел да се испрати порака за незадоволството од економската состојба.

Божидар Божиновски со апел за поддршка на малите бизниси

Познатиот македонски инфлуенсер Божидар Божиновски, преку својот профил на Фејсбук, повика на бојкот на големите маркети на 31 јануари. Тој ги повика граѓаните да ги поддржат малите, семејни продавници, истакнувајќи:

„Подобро би било да се избегнуваат големи ланци и оние кои ги диктираат (договараат) цените, место тоа да се купува во семејни и мали, маалски продавници на подолг рок. Ланците нема да пропаднат од еден ден, а на малите им менува многу, цели семејства живеат од една продавница.“

Организаторите со јасна порака

Иницијативата добива сè поголема поддршка на социјалните мрежи. Граѓаните се повикуваат да се воздржат од купување во големите маркети на 31 јануари, под мотото „Попусто попусти кога цените се исти“.

Еден од организаторите објави:

„Повикуваме на масовен бојкот во петок. Воздржете се од купување во големите маркети, избегнувајте ги помалите маркети. Сакаме да испратиме порака дека граѓаните нема да ги толерираат овие нереални поскапувања.“

Поддршка за малите продавници

Акцентот на иницијативата е поддршка на локалните мали бизниси, кои често се погодени од доминацијата на големите трговски синџири. Организаторите сметаат дека ваквиот чекор ќе помогне да се зајакне економската солидарност и да се изврши притисок врз големите маркети да размислат за политиките на цените.