Ви се обраќам како член на првата експертска Влада на Република Македонија, која што ги оствари соништата и желбите на илјадници и илјадници наши предци, кои што мечтае за тој миг и за кој ги дадоа скапоцените животи за таа слобода, вели Мартин Треневски, поранешен амбасадор и министер во експертската Влада на Никола Кљусев, обраќајќи се пред присутните демонстранти на денешниот протестен марш под мотото „Ултиматум – Не благодарам“, кои веќе повеќе од една недела се организираат против францускиот предлог.
Треневски пред присутниот македонски народ се обрати во маица стара 31 година со логото од референдумот од 1991 година, со кои во тоа време се пропагираше идејата за самостојна и независна Република Македонија.
„Почитуван народе, нека се знае еднаш за навек, експертската Влада на академик Никола Кљусев го организираше референдумот за независност и експертската Влада ги постави темелите на модерна, современа Македонија, монетарното осамостојување, македонската дипломатија и така натаму. Да се знае, бидејќи очигледни се обидите на поединци, а и на организации не само да се минимизира, туку и да се избрише учинокот што го направа таа експертска влада. Тоа, драги мои, не смееме да го дозволиме“, рече Треневски.
Тој посочи дека сите членови на македонската експертска Влада беа за независна и самостојна Македонија, освен еден чиј татко ја напиша македонската химна, а тој до пред некој месец се декларираше дека се чувствува како Бугарин и воедно е и советник за надворешна политика на претседателот Стево Пендаровски.
Треневски додаде дека во вакви околности не треба да не чуди зошто Пендаровски беше првиот кој што ја пофали новата обработена верзија на францускиот предлог, кога за советник има човек кој ги брани бугарските барања и услови.
Додаде дека неговата работна кариера, меѓу другото, имаше прилика да биде и дипломат во разни организации, по што информиран е дека реализацијата на овие сценарија е уништување на македонската нација.
„Сите членови на таа експертска Влада беа за слободна и независна Македонија, освен еден кој за жал, неговиот татко ја напиша македонската химна, а тој, до пред некој месец, даваше изјави дека се чувствувал Бугарин. Истиот тој, сега е советник за надворешна политика на Стево Пендаровски. Стево Пендаровски кој што прв ја пофали втората коригирана француска верзија, меѓутоа верзија за која што секој нормален Македонец, особено стручната јавност ја осуди како неповторливо штетна. И сите ние треба да се сплотиме и да се спротивставиме на реализацијата на тоа мрачно сценарио. Имав прилика во мојата работна кариера да бидам дипломат во повеќе организации, го знам целото сценарио, а целото сценарио значи уништување на македонската нација. Тоа и јавно го кажуваат, не го кријат“, рече Треневски.
Затоа, Треневски ги повикува сите македонски граѓани да се придружат на протестите против францускиот предлог во кој се содржани сите бугарски барања, затоа што така се брани Македонија и дека ова не е време за комоција пред телевизор.
„На нас и на сите оние што не се вечерва со нас, упатувам апел да ни се придружат на следните собирања, да дојдат. Луѓе не е време за комодитет пред телевизор или по кафеани, да излеземе затоа што вака се брани Македонија“, рече Треневски.