Македонската фудбалска репрезентација го одработи официјалниот тренинг во Луцерн во пресрет на претстојниот натпревар против селекцијата на Швајцарија во рамки на четвртото коло од Б-дивизијата во Лигата на нациите.
Наместо на главниот терен на „Термоплан арената“, тренингот мораше да се одржи на помошниот терен во рамки на спортскиот комплекс. Причината за оваа промена е очајната состојба во која се наоѓа тревникот на главниот стадион, кој мора да биде сочуван и поштеден за официјалниот утрешен дуел меѓу двете репрезентации.
Селекторот на Швајцарија, Мурат Јакин, потроши половина од својата прес-конференција во Скопје критикувајќи ја лошата состојба на теренот на арената „Тодор Проески“. Сепак, реалноста покажува дека сега значително полоши услови за игра ги очекуваат двата национални тима на стадионот во Луцерн.
