Зошто владата молчи откако Македонски телеком се огради од фејсбук статусот на нивната членка на Одборот на директори од ДУИ, Шкодране Дардишта, во кој таа се закани со војна и побара итна реакција од „Илинденска“? -прашува револтирано јавноста после соопштението од големата фирма, вчера.
Граѓаните очекуваат најмалку Дардишта да биде тргната од сите јавни функции за кои е платена со народни пари, а заканите со војна да ги објасни пред обвинителството. Ќе реагира ли пак последнава институција, до овој момент нема абер.
Вчера лидерот на „Левица“ потсети дека бил експресно викнат на разговор во обвинителството кога во една прилика на фејсбук напишал статус за „стрелање“, но Дардишта сè уште не е повикана.
До овој момент Дардишта не е повлечена од функцијата, а од неа само се оградија, како нејзината партија ДУИ така и Македонски телеком. Дел од медиумите извадија и детали од нејзината биографија и начинот како таа напредувала во функциите. Дали е во ред толку висок функционер да помине несанкционирано за директни закани со војна? Ако ова остане вака, што останува тогаш ако на секој втор му „тргне“ да испраќа пораки за посегање по оружје и дестабилизација, особено што раните од 2001 година се уште не се излечени? Треба ли можеби народот да се навикнува дека се што нема да и чини на некоја малцинска заедница, таа најкомотно може да се закани со војна?
Одговорност конечно мора да има. Селективната правда од друга страна не демонстрира сигурност, пред се правна, оти граѓаните го чувствуваат и на своја кожа, па во најмалку 50 проценти од случаите одлучуваат да ја напуштат државата токму од овие причини.
За потсетување, еве што напиша Дардишта на фејсбук, откако почна да станува извесно дека е можно ново владино мнозинство без ДУИ во него:
-Сѐ уште ги имаме чизмите на таван во старата куќа, за час ги вадиме белите патики. Ние не сме сираци, ние сме никнале после војна. Не играјте со оган, затоа што на крај сами ќе изгорите во него, порача Дардишта на 6 ноември.