Трета доза „Фајзер“ им се препорачува на сите граѓани, без оглед на возраста и дали се хронично болни. Од идната недела околу 8.200 основци и средношколци  ќе бидат тестирани за присуство на КОВИД-19 за да се добијат податоци за преносливост на вирусот во училиштата.

Според министерот за здравство Венко Филипче, состојбата со заразата со КОВИД-19 сега е стабилна зашто континуирано повеќе денови има речиси идентичен број нови случаи – меѓу 450 и 500, но насекаде низ државата е сè помал бројот на тие што болнички се лекуваат и сега се околу 500. Филипче вчера изјави дека некои клиники, како Клиниката за уво, грло и нос и болницата во Козле, веќе се враќаат во нормална работа и нема да сместуваат КОВИД-пациенти.

Во вчерашниот здравствен билтен беа регистрирани нови 185 случаи од 1876 тестирања во 24 часа. Евидентирани беа 523 оздравени пациенти, 12 починати и дополнително тројца во периодот 29 септември – 3 октомври 2021. Со новата статистика, бројот на дијагностицирани од почетокот на епидемијата во земјава достигна 192 654. Оздравени се 174 148, починати 6719, а активни случаи има 11 787 во целата држава.

Целосно вакцинирани се 734.000 граѓани. Од петокот е затворен пунктот во салата „Борис Трајковски“ и сега за вакцинација функционираат седум поликлиники во рамки на Здравствениот дом Скопје, во две смени. Филипче на прес-конференција информираше дека вакцини има доволно –  на располагање се околу 260 илјади дози „Фајзер“, 45 000 дози „Синовак“, 100 илјади дози „Астра Зенека“.

Министерот за здравство соопшти дека 47 отсто од полнолетната популација примила најмалку една доза, а од вкупното население 38,2 проценти. Посочи дека има голема разлика од општина до општина.

– Најмногу вакцинирани со две дози полнолетни граѓани има во Вевчани, 72 проценти, над 60 проценти во Гевгелија, Демир Капија, Кавадарци и Охрид, над 55 проценти во Росоман, Ресен, Дојран, Дебрца, Богданци, Битола и Берово, а низок опфат, под 30 проценти, во Липково, Македонска Каменица и Ново Село, рече Филипче.

Следејќи ги искуствата на европските земји и САД, Комитетот за имунизација препорача трета доза не само за лица над 60 години и за здравствени работници, туку и за кои било други граѓани доколку се изложени на ризик од КОВИД-19  поради тоа што имаат чести контакти на работа или приватно, без оглед на возраста и дали имаат или немаат хронични болести.

Според Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација, целта на препораката е да се заштитиме од многу инвазивниот делта сој и бидејќи шесте месеци од почетокот на вакцинацијата упатува на тоа дека ефективноста на дел од вакцините се намалува.

– Комбинирањето на антиковид-вакцините, особено давањето трета доза, во случајот кај нас тоа ќе биде „Фајзер“, со други претходно дадени од различен тип, дури и го зголемува, односно го проширува имунолошкиот одговор, рече Грозданова, додавајќи дека во однос на препораката третата доза да биде вакцината на „Фајзер“ го гледале искуството и од неколку студии чии резултати покажале дека ова вакцина обезбедува одлична заштита.

Околу 8200 ученици, основци и средношколци, по случаен избор од регистарот на Е-дневник ќе бидат тестирани за присуство на КОВИД-19 со земање брис. Тестирањето ќе почне во текот на следната недела и ќе биде со согласност на нивните родители.

Како што информираше министерот Филипче, планирано е скринингот да трае пет дена и дневно по околу 1600 деца да бидат тестирани во самите училишта од мобилни екипи. Целта е да се добие податок за евентуално трансмисија на вирусот во училиштата.

А за ризикот од пренесување на вирусот на партиските предизборни митинзи, на кои не се почитуваат основните мерки – дистанца и заштитна маска, Филипче смета дека е пожелно да се создадат услови да може да се бараат сертификатите за вакцинација и тоа, рече, би требало да се прави секаде каде што има влез и излез, но дека е тешко да се организира каде што се собираат граѓаните. На прес-конференцијата вчера рече дека ќе им препорача на сите политички партии да најдат начин доколку е можно да се побара сертификат и тоа да биде координирано со влез-излез.

На истото новинарско прашање – колку се почитуваат антиковид-протоколите на партиските митинзи, премиерот Зоран Заев вчера  одговори дека проблемот е што самоиницијативно доаѓаат граѓани кои не држат соодветно дистанца.

– Се гледа распоредот на столчињата дека се наместени согласно протоколите, веројатно проблемот е што дополнително луѓето кои доаѓаат од страна не ја запазуваат неопходната оддалеченост и целосното почитување на протоколите, одговори Заев, додавајќи дека со организаторите на митинзите ќе направат сè за максимум да се почитуваат антиковид-протоколите.