Во Истанбул вечерва ќе се одржи третата рунда преговори меѓу руската и украинската делегација, со фокус на размена на заробеници
Руска делегација предводена од Владимир Медински, кој е помошник на рускиот претседател Владимир Путин, пристигна во Истанбул. Вечерва во турскиот град ќе се одржи третата рунда преговори со Украина, јавуваат руските новински агенции.
Во составот на руската делегација се и заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галужин, началникот на Главната управа на Генералштабот на руската армија Игор Костјуков, како и заменик-министерот за одбрана на Русија, Александар Фомин.
Украинската делегација е проширена од 12 на 14 членови. Во неа сега се вклучени и претставници од канцеларијата на омбудсманот и од Генералштабот на вооружените сили на Украина, јавува весникот „Ведомости“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека на состанокот ќе се разгледуваат нацрт-меморандуми. Станува збор за документи што претходно беа разменети од двете страни. Според него, ќе се разговара и за продолжување на процесот на размена на воени заробеници.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека украинската делегација ќе се фокусира на прашањата за враќање на украинските заробеници. Ќе се отвори и темата за украинските деца кои се префрлени на руска територија. Зеленски најави и подготовка на можна директна средба со претседателот на Русија, Владимир Путин.
Според досегашните информации, преговорите ќе се одржат во палатата Чираган, која се наоѓа на Босфор во Истанбул.
Украинската делегација е предводена од Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана. Во моментов се наоѓаат во Анкара, каде што се сретнаа со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Преговорите меѓу руската и украинската страна се закажани за 19 часот по локално време.