Започна третата рунда преговори меѓу руската и украинската делегација во Белорусија, соопшти руската амбасада.
Советникот на шефот на кабинетот на украинскиот претседател Михаил Подолски претходно на Твитер потврди дека преговорите ќе започнат во 16 часот по локално време.
Претставниците на рускиот преговарачки тим пристигнаа на местото порано, а составот на нивната делегација остана непроменет.
Шефот на руската делегација Владимир Медински во пресрет на третата рунда преговори откри кои ќе бидат темите на денешниот разговор.
– Планот е да се разговара за политички, хуманитарни и воени аспекти – рече Медински.
Да потсетиме дека првите две рунди преговори меѓу Украина и Русија се одржаа во Белорусија на 28 февруари и 3 март. На последната средба спротивставените страни се договорија да организираат хуманитарни коридори за евакуација на цивилите од борбените зони.