Трезорот редовно врши исплати – Министерството за финансии гарантира навремени и непречени плаќања

Трезорот редовно врши исплати, како составен дел од Министерството за финансии и ќе продолжи да функционира нормално до 31 декември 2025 година, истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски. Тој потенцира дека ќе се реализираат сите преземени обврски од страна на државата до крајот на годината, а целта е целосно да се исплатат приходите и расходите во Буџетот согласно планираното, како и буџетскиот дефицит да се заврши на планираното ниво.

Јанкуловски во гостување на ТВ 21 појасни дека исплатата се врши непречено и редовно се исплаќаат плати, социјални надоместоци, К-15, блок-дотации кон општините и други тековни трошоци.

„Трезорот, како составен дел од Министерството за финансии, работи и ќе продолжи да работи најнормално, како и сите институции, до 31 декември 2025 година. Со начинот на кој сега функционира Трезорот и со навремените исплати, јасно покажавме дека нема никаков застој. Редовно се исплаќаат социјалните надоместоци, К-15, обврските преземени во соработка со надлежните агенции, блок-дотациите кон општините, како и платите и другите тековни трошоци. Секоја обврска која ќе биде евидентирана и прифатена за плаќање, ќе може да се исплати заклучно со 31 декември“, рече заменик-министерот.

Тој појасни дека информацијата испратена до буџетските корисници и институциите за доставување на налозите до 15 декември имаше исклучиво организациски карактер.

„Целта беше до 15 декември да ги достават налозите за плаќање, за Трезорот навремено, до крајот на годината, да може да ги испланира сите расходни ставки и да ги обезбеди потребните информации поврзани со останатите фискални параметри. Сè друго, приказните за затворање на Трезорот, дека нема да има пари или дека ќе настане финансиски застој беа пласирани од страна на опозицијата“, наведе Јанкуловски.

Заменик-министерот истакна дека најголемиот дел од институциите го почитуваа рокот и навремено ги доставуваат налозите, а секоја обврска која ќе биде евидентирана и прифатена за плаќање ќе може да се исплати заклучно со 31 декември.

„Даночниот календар е добро познат и очекуваме дополнителни приливи до крајот на месецот по основ на данок на добивка, данок на додадена вредност кој доспева на 25 декември, како и социјалните придонеси што се уплатуваат на крајот на месецот. Имајќи предвид дека значителен дел од компаниите во овој период исплаќаат бонуси и регреси за вработените, нашите очекувања се дека планираните приходи во најголем дел ќе бидат реализирани“, рече заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.