Руски државни воздухоплови ќе може да прелетуваат над Македонија и да слетуваат во земјава откако Владата ја тргнала забраната.

Како што пишува „360 степени“ одлуката била донесена на денешната владина седница.

Измената на одлуката за рестриктивните мерки за Руската Федерација воведени по агресијата на Украина, доаѓа во пресрет на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој треба да се одржи од 29 ноември до 1 декември во Скопје.

По оваа одлука отворена е можноста за евентуално доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје. Потврда за ваква одлука од Москва засега нема.

Официјална потврда од Владата или од Министерството за надворешни работи кој е организатор на Министерскиот состанок, до овој момент нема.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој е и актуелен претседавач со ОБСЕ, во изминатиот период повеќепати повтори дека се надева дека сите земји членки на организацијата ќе бидат претставени на највисоко дипломатско ниво во Скопје.

Османи не криеше дека официјална Москва бара лично Лавров да ја предводи руската делегација на Министерскиот совет и дека процедурата за неговото доаѓање е почната, иако Русија е под санкции од ЕУ кои се поддржани и од  Македонија.