Глобалните пазари беа потресени во понеделник откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно се закани со царини кон европски земји поради нивното противење на преземањето на Гренланд, што ги подигна цените на златото и среброто на рекордни нивоа и предизвика пад на повеќето светски берзи.

Трамп овој месец ги зголеми геополитичките тензии со инсистирање дека Соединетите Американски Држави треба да ја преземат контролата врз автономниот дански остров Гренланд, повикувајќи се на потребите за национална безбедност.

Откако разговорите не успеаја да го надминат, како што беше оценето, „фундаменталното несогласување“ околу статусот на островот, американскиот претседател во саботата објави дека ќе воведе нови царини за осум европски земји поради одбивањето на неговиот план.

Трамп најави дека од 1 февруари ќе воведе царини од 10 проценти за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска, а тие ќе се зголемат на 25 проценти од 1 јуни доколку земјите не се согласат со преземањето на Гренланд од страна на САД.

Објавата предизвика остра реакција од Европската Унија, која во заедничка изјава порача: „Империјалните закани ги поткопуваат трансатлантските односи и ризикуваат опасна спирала надолу“.

Со тоа, дополнително беше доведен во прашање и трговскиот договор што САД и ЕУ го потпишаа минатата година. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул за телевизијата АРД изјави дека не верува оти „овој договор е возможен во сегашната ситуација“.

Од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон соопштија дека тој ќе побара од Европската Унија да го активира досега некористениот „инструмент против принуда“ доколку Трамп ја реализира својата закана.

ТРГОВСКА ВОЈНА ПОРАДИ ГРЕНЛАНД: Одговорот од ЕУ

Таквиот инструмент би ѝ овозможил на Унијата да воведе ограничувања за увоз на стоки и услуги на пазарот од 27 земји со околу 450 милиони жители.

Според Блумберг, земјите членки на ЕУ веќе размислуваат за одмазднички царини за американска стока во вредност од 93 милијарди евра.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, поради настанатите тензии околу Гренланд одлучи да свика итен самит на шефовите на држави и влади на Европската Унија.

Кошта најави дека самитот ќе се одржи „во наредните денови“, додавајќи дека точниот датум допрва ќе биде утврден, бидејќи голем дел од европските лидери оваа недела ќе учествуваат на Светскиот економски форум во Давос, на кој се очекува да присуствува и Трамп.

Стравувањата од трговска војна меѓу водечките светски економии силно ги вознемирија финансиските пазари. Безбедните засолништа, како златото и среброто, го продолжија растот започнат по неодамнешните закани на Трамп кон Иран и по соборувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Златото достигна рекордно високо ниво од 4.690,59 долари за унца, додека цената на среброто порасна до 94,12 долари.

Акциите на берзите во Токио, Хонгконг, Сиднеј, Сингапур, Манила, Мумбаи и Велингтон забележаа пад, додека раст беше регистриран во Шангај, Сеул, Тајпеј и Бангкок.

Во исто време, американскиот долар ослабе, а вредноста на еврото, британската фунта и јапонскиот јен порасна.

 

ТРГОВСКА ВОЈНА ПОРАДИ ГРЕНЛАНД