Македонскиот банкарски сектор има шест претставници меѓу 100-те најголеми банки во Југоисточна Европа, според најновото рангирање на SEE TOP 100. Три од нив – Комерцијална банка, Стопанска банка Скопје и НЛБ Банка се пласирани меѓу првите 50. А НЛБ Банка бележи и најголем скок во рангирањето меѓу домашните банки.

SEE TOP 100 ги рангира најголемите банки во Југоисточна Европа според вкупната актива од неконсолидираните биланси на состојба заклучно со 31 декември 2025 година. Податоците се обезбедени од централните банки, националните трговски регистри, комисиите за финансиски надзор, банкарските здруженија, државни институции, корпоративни интернет-страници и од самите компании. Локалните валути се конвертирани во евра, а активата и нето-добивката или загубата се прикажани во милиони евра.

Трите најголеми македонски банки се групирани во осум позиции – од 41. до 48. место. Највисоко рангирана е Комерцијална банка, која го задржала 41. место на табелата. На крајот од 2025 година имала актива од 3,131 милијарда евра, проследена со раст од 7,79 насто на годишно ниво. Нето-добивката се зголемила од 80,1 милион евра во 2024 година на 82,6 милиони евра во 2025 година.

Кај Стопанска банка Скопје има поместување за две позиции – од 49. на 47. место. Нејзината актива достигнала 2,555 милијарди евра, со годишен раст од 9,11 насто. Истовремено, нето-добивката се намалила од 57,7 милиони на 54,3 милиони евра.

Веднаш зад неа, на 48. место, е НЛБ Банка, која во претходното рангирање била 51. и со тоа влегла меѓу првите 50 банки во регионот. Минатата година имала актива во износ од 2,552 милијарди евра. Притоа бележи и висока годишна стапка на раст од 19,58 насто. Нето-добивката, пак, се зголемила од 53,6 милиони на 79,3 милиони евра.

Во вториот дел од листата има уште три македонски банки, две големи и една средна.

Халк банка го задржала 56. место, со актива од 2,094 милијарди евра, која за една година нараснала за 13,17 насто. Освен тоа, кај нето-добивка има позитивно движење од 30,1 милион на 34,9 милиони евра.

Шпаркасе банка е на 62. место, една позиција пониско од претходното 61. место. Активата изнесувала 1,916 милијарди евра, со раст од 10,55 отсто, а нето-добивката се зголемила од 28,2 милиони на 29,2 милиони евра.

Шестиот македонски претставник е ПроКредит банка, која напредувала од 96. на 94. место. Банкарската актива достигнала 918 милиони евра, а зад износот стои годишна промена од плус 8,53 насто. Сепак, нето-добивката се намалила од 14 милиони евра во 2024 година на 10,5 милиони евра во 2025 година.

На вврвот на табелата, на првото место е романската Banca Transilvania, со актива од 41,267 милијарди евра, втора е Banca Comerciala Romana, исто така од Романија, а на трето Zagrebacka Banka.

Во првите 50 банки најмногу претставници има Романија – 12, потоа Бугарија – 9, Србија – 8, Хрватска и Словенија по 6, Македонија и Албанија по 3, Босна и Херцеговина – 2, а Молдавија – 1.

На целата листа од 100 банки најзастапена е Бугарија со 16 банки, следува Романија со 14, а Србија и Босна и Херцеговина имаат по 12. Хрватска и Словенија имаат по девет, Албанија осум, Македонија и Косово по шест, а Молдавија и Црна Гора по четири банки.