Три тиквешанки биле мета на измама во рок од само неколку дена

 

Три тиквешанки биле мета на измама во рок од само неколку дена, потврдуваат за МИА од Секторот за внатрешни работи – Велес. Од полицијата апелираат на внимателност. Во два од случаите, на повозрасни неготинки им биле побарани по 20 илјади евра за наводна операција по скршеница на внука, односно ќерка. Во третиот случај, кавадарчанка била измамена за сума од околу 3 илјади евра при договарање за започнување заеднички бизнис, кој не се реализирал.

– На 10 февруари во 15:30 часот, во ОВР – Неготино, 72-годишна неготинка пријавила дека непознато лице ѝ се јавило на телефон, се претставило како директор на болницата во Велес и ѝ кажало дека нејзината внука се здобила со скршеница и дека за операцијата е потребно да донесе 20.000 евра. Во позадина се слушал женски глас како плаче, за кој ѝ било кажано дека е нејзината снаа. Откако пријавителката, заедно со сопругот, пристигнале во болницата во Велес и не го пронашле лицето што ѝ се јавило, се упатиле на хируршкото одделение и прашале за нивната внука. Од персоналот им било кажано дека нема таков пациент, по што сфатиле дека станува збор за измама – појаснија од СВР – Велес.

Истовремено, исто така во 15:30 часот, во ОВР – Неготино, 77-годишна неготинка пријавила дека непознато лице ѝ се јавило на телефон, се претставило како лекар од Велес и ѝ кажало дека нејзината ќерка се здобила со скршеница и дека за операцијата е потребно да донесе 20.000 евра. Пријавителката се качила во такси, но по разговор со возачот се јавиле кај нејзиниот зет и сфатиле дека станува збор за измама.

– На 13 февруари во 11:50 часот, во ОВР – Кавадарци, 28-годишна кавадарчанка пријавила дека била измамена од женско лице од Кавадарци за сума од 180.000 денари. Според пријавеното, лицето ѝ предложило да започнат сопствен бизнис, при што парите ѝ ги дала лично, но договореното не било реализирано – додадоа од СВР – Велес.

Оттаму истакнаа дека се преземаат мерки за расчистување на настаните.

Полицијата реализирала превентивни активности за спречување измами

 

Притоа нагласија дека полицијата реализирала превентивни активности за спречување измами.

– Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР – Велес, како и од ОВР – Неготино и ОВР – Кавадарци, спроведоа превентивни активности за заштита од измами, со цел граѓаните да се информираат и едуцираат за опасностите од телефонските измами, како да ги препознаат и да не дозволат да станат жртви на ваков вид кривични дела. Апелираме до граѓаните да бидат особено внимателни при комуникација со непознати лица и сите сомнителни случаи да ги пријават во најблиската полициска станица – информираат од Секторот за внатрешни работи – Велес.

Во изјава за МИА, една од измамените неготинки го сподели моментот кога добила повик дека нејзината малолетна внука доживеала тешка несреќа и итно мора да биде оперирана. Лицето што се претставило како директор на болницата во Велес убедливо ѝ кажало дека состојбата е сериозна и дека се потребни 20.000 евра за да се спаси ногата на девојчето и да не остане инвалид.

За измамата да звучи уште поверодостојно, на телефон била пуштена жена која плачела, а на пензионерката ѝ било кажано дека тоа е нејзината снаа, која се наоѓа во болницата заедно со другата малолетна внука. Со тоа, како што истакна, дополнително била доведена во состојба на паника и страв. Таа нагласи дека парите не биле предадени, но шокот, стресот и траумата останале. Притоа сподели дека измамниците се исклучително итри.

– Сметам дека располагаат со лични информации, знаат имиња на роднини, ги следат жртвите и звучат убедливо. Токму затоа ваквите измами предизвикуваат паника, особено кај повозрасните лица – рече пензионерката.

Таа, исто како и полицијата, апелираше на внимателност како превенција од измами, да не се подлегнува на паника и да не се носат одлуки под притисок. Секој сомнителен повик, нагласи, треба веднаш да се пријави во најблиската полициска станица.