Граѓаните на референдумот одржан на 8 септември 1991 година ја изразија својата волја и го дадоа својот глас земјата да се конституира како суверена и самостојна држава Македонија. Независноста уставно-правно беше заокружена со донесувањето на Уставот со 93 гласа во Собранието на 17 ноември 1991.
Работниот текст на Уставот го пишуваа професорите Владо Поповски, Љубомир Фрчковски и Лазе Китановски.
Според Уставот, општествено-економскиот и политичкиот систем на Републиката се засноваат на принципот на владеење на правото, човековите слободи и права, поделбата на власта, пазарната економија и другите темелни вредности на современото демократско општество.
Уставот е највисок правен акт и досега има претрпено неколку амандмански измени.
Измени на Уставот беа направени и во 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009, 2011 година и во 2019 година.
Уставот е составен од преамбула и членови. Членовите на Уставот се поделени во неколку глави. Првата глава е посветена на основните одредби, втората на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, третата на организацијата на државната власт, четвртата на Уставниот суд, петата глава се однесува на локалната самоуправа, шестата на меѓународните односи, седмата на одбраната на Републиката, воена и вонредна состојба, осмата се однесува на измените на Уставот и деветтата глава се преодните и завршни одредби.
Темелните вредности на уставниот поредок се дефинирани во членот 8 став 1 од Уставот и тоа се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, слободното изразување на националната припадност, соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, владеењето на правото поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото, хуманизмот социјалната правда и солидарноста, локалната самоуправа, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Уставниот развој на земјата историски може да се подели на три периоди. Првиот од 31 декември 1946 година кога е донесен Уставот на тогашната Народна Република Македонија, како една од конститутивните републики на поранешна Југославија. Вториот период е со донесувањето на Уставот на Социјалистичка Република Македонија на 25 февруари 1974 година, а третиот од 17 декември 1991 година кога е усвоен последниот и се уште актуелен Устав на денешна Република Македонија.