Победничката партија на последните парламентарни избори во Бугарија, што се одржаа на 11 јули, „Има таков народ“ со своите 65 пратеници веќе е во опозиција, а другите партии со своите 175 пратеници веќе се власт, изјави нејзиниот лидер Слави Трифонов, според кого, како овие партии ќе преговараат едни со други е веќе нивна работа.
-Бидејќи од неодамна сум во политиката очигледно не ги разбирам работите како што ги разбираат искусните политичари. Искусните бугарски политичари. Очигледно некои работи, како што се конзистентност, одржување на зборот, искреност, компромис, гест, почит, јавно овие работи се дел од нормалниот живот, но од политичкиот – не се! Таму, овие зборови добиваат сосема поинакво значење, звучат исто, но всушност го сугерираат токму спротивното. Да, јас не ги разбирам овие работи. И да бидам искрен – не сакам да ги разберам, ниту пак некогаш ќе го прифатам овој начин на однесување, во кој вие кажувате едно, а правите друго, во кое лагата е вистинска, компромисот е наведнување, а искреноста е некоја архаична глупост, рече Трифонов, лидер на „Има таков народ “.
Тој призна дека „Има таков народ“ се обиде да направи малцинска влада, што бугарскиот Устав тоа и го дозволува, а партијата ги направи потребните гестови и компромиси кон таканаречените „протестни партии“ , бидејќи изјавија дека само со нивна поддршка ќе реализираат влада. Не ја добивме нивната поддршка и нашите гестови не беа разбрани и беа одбиени. Кај нашите потенцијални партнери го имаше „чувството“ дека нашиот предлог ја покажува „долгата рака на ДПС“. Сега, во евентуалниот трет мандат што ќе им го даде претседателот, нивното „чувство за долгата рака на ДПС“ исчезна и тие ја очекуваат нашата поддршка. Магија. Очигледно во бугарската политика „долги раце“ и „кратки нозе“ се појавуваат и исчезнуваат според „чувствата“ на политичарите. Кога велам „кратки нозе“, мислам на бугарската поговорка дека „нозете на лагата се кратки“, искоментира Трифонов.
– Освен тоа, и сите други партии изјавија дека нема да ја поддржат владата на „Има таков народ “, што значи дека таа со своите 65 пратеници веќе е во опозиција. А другите партии со нивните 175 пратеници се веќе на власт. Како ќе преговараат меѓусебно е веќе нивна работа. Со моето елементарно разбирање за политиката и нивниот интегритет, не сум слушнал никогаш, никаде во ниту една демократска земја за влада меѓу владеачка партија и опозиција, нагласи Трифонов.
“Зарем тоа не е значењето на демократскиот процес – да има владетели и логично, наспроти владата, да има опозиција? И сега, драги владетели, ние ќе бидеме ваша конструктивна опозиција … додека суверенот не одлучи нешто друго!” додаде лидерот на „Има таков народ“.