Тримесечна обука и испит пред враќање на лиценцата
Доктор Игор Кузмановски од Клиниката за неврологија нема веднаш да ја добие лиценцата за работа. Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора одлучила дека, пред одобрување, тој ќе мора да помине тримесечна специјализирана обука под надзор на ментор, а потоа и испит за проверка на стручните знаења и способности.
Од Комората објаснуваат дека оваа мерка е воведена за заштита на пациентите и професионалниот интегритет на лекарската фела. Во случајот, велат, нема судска пресуда што би барала трајно одземање на лиценцата, па затоа се одлучиле за засилен механизам на контрола и дополнителна едукација.
Паралелно тече и постапка за етичко однесување
Додека трае процесот на обновување на лиценцата, Комората води посебна постапка за етичко однесување на Кузмановски. Од таму информираат дека донеле јавна морална осуда, оценувајќи дека со своето поведение докторот го нарушил угледот на професијата.
„Очекуваме извештаи од комисиите на Министерството за здравство и Клиниката за неврологија, кои треба да дадат поширока слика за стручната работа на докторот. Конечната одлука ќе биде донесена по детална анализа на сите докази“, наведуваат од Комората.
Во меѓувреме, внатрешните комисии на Клиниката испитуваат како Кузмановски ги третирал пациентите во периодот кога работел без лиценца, како и финансиското работење додека бил директор.
Инспекторатот утврдил неправилности, министерот формирал надзор
Од Министерството за здравство потврдуваат дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат веќе открил пропусти во работата на Клиниката и издал решение.
„За работата без лиценца ќе биде издаден прекршочен платен налог согласно член 309 од Законот за здравствена заштита“, наведуваат од Министерството.
Врз основа на извештајот, министерот за здравство Азир Алиу формирал и комисија за стручен надзор, која треба да го провери целокупното работење на докторот.
Кузмановски беше разрешен од директорската функција по појавата на видео на социјалните мрежи, во кое тој се гледа во домашна атмосфера како меша бела прашкаста материја во чинија и зборува за неа со асоцијација за кокаин.
