Зголемен род во однос на лани

Зголемен род во однос на лани се очекува оваа година. Берба од над 100 милиони килограми грозје е предвидена, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски. Цената за откуп на смедеревката за реколта 2025 година е 18,90 денари, а за вранецот 21,30 денари. Бербата на најголемите и најзастапените вински сорти ќе започне наскоро, додека на другите веќе е во тек.

Министерот нагласи дека ова претставува сериозен прогрес, резултат на вложувањата во водостопанство и подигање на нови лозови насади. Министерството преку субвенции и навремена исплата на средства дава стимул за зголемување на површините и на квантитетот на производството. Родот е зголемен за 25 проценти во однос на минатата година, што е показател за успехот на спроведените мерки.

Имиџ и извоз на македонското вино

Извршната директорка на здружението „Вина од Македонија“, Елена Младеновска-Аленковиќ, рече дека имиџот на македонското вино на светските пазари со години расте, а извозот достигнува од 50 до 60 милиони евра годишно. Таа истакна дека околу 85 проценти од произведеното вино се извезува.

Милица Плетварска Атанасов од Здружението „Повардарски – ВРВ“ потенцираше дека стандардизацијата на автентичното македонско вино и следењето на процедурите за производство на грозје и вино гарантираат доверба на потрошувачите и полесно освојување на странските пазари. Таа појасни дека околу 60 проценти од извозот е наливно вино, а вредносно 65 до 70 проценти се флаширано, што ја прави стандардизацијата клучна за конкурентност.