Годинешната жетва на пченица донесе значителен пораст и позитивни резултати за домашното земјоделство. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во интервју за „Newsmax Balkans“ ги презентираше бројките и најави конкретни мерки со кои државата го насочува фокусот кон зголемување на домашното производство и обезбедување на стоковните резерви со македонски производи.

Жетвата на пченицата оваа година е извршена на зголемени површини во споредба со минатата година. Согласно податоците со кои располага Министерството, пченица е засеана на околу 70.000 хектари, а од жетвата се собрани над 280.000 тони, количина која речиси целосно ги покрива домашните потреби, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Министерот потенцираше дека институцијата активно работи на трансформација на земјоделскиот систем, со јасна цел – намалување на увозната зависност.

Работиме на зголемување на производството, со цел Македонија конечно да не биде означувана како увозно зависна држава. Трендот на раст на производството е сериозен показател, појасни тој.

Како еден од клучните потези, Трипуновски најави дека по долг период, државата повторно ќе ги полни резервите со домашно производство.

Не може да дозволиме стоковните резерви да ги полниме со пченица која доаѓа надвор од нашите граници, туку стоковните резерви ќе ги полниме со наша домашна пченица. Беше објавен и првиот повик за набавка на 9.000 тони од реколтата 2025 година, директно од производителите, истакна министерот Трипуновски.

Дополнително, тој објави новитет во третманот на земјоделските култури од стратешко значење за државата. За прв пат, оризот е вклучен како стратешка култура во стоковните резерви, а оваа година истите ќе бидат наполнети со 2.400 тони оризова арпа.

Со овие мерки, Министерството испраќа јасна порака за поддршка на македонските земјоделци и долгорочна стабилност на прехранбениот систем.