Министерот апелира за целосна истрага

„Одговорност во моментот треба да даде тој што е фатен на дело за злоупотреба и прекршување на законите. И мислам дека таму ќе се води истрагата до крај, апелирам да биде до крај и сите коишто се евентуално инволвирани во целиот случај да одговараат. Само на тој начин ќе стопираме негативни тенденции, прекршување на закони и девијантни однесувања“, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во интервју за дневникот на Канал 5 телевизија.

Тој додаде:

„Јас како ресорен министер ќе продолжам да се борам и ваквите случаи да се санкционираат во целост, само на тој начин ќе можеме да градиме она што постојано го велам, доверба во институциите, што во минатото го немаше.“

Неселективна борба против криминалот

Трипуновски истакна дека Владата води неселективна борба против криминалот и дека секој кој направил злоупотреба мора да одговара, без оглед на политичката припадност.

„Со овој случај гледате дека како сериозна Влада, без разлика на партиска припадност, дали е некој сегашен или поранешен функционер, се бориме беспрекорно. Тоа е сериозен пристап на сериозна Влада, што во минатото не беше така“, изјави министерот.

Тој апелираше до граѓаните кои имаат сознанија за други случаи да алармираат, за веднаш да се постапи и да се санкционираат одговорните.

Платежната агенција е независна

Министерот ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека Министерството е инволвирано во случајот со Платежната агенција.

„Платежната агенција е посебно тело коешто одговара пред Владата. Значи тука елиминирам секаква поврзаност на Платежната агенција со Министерството. Вие знаете дека Платежната агенција работи согласно акредитирани мерки, согласно насоките од Брисел, согласно процедури, управувани од директор со свој менаџерски тим. Така што сите процеси коишто се внатре во Платежната агенција се водени од самата агенција и тука бледи се нападите на опозицијата да го врзат министерството со Платежната агенција. Така што, тоа што го прават е повеќе за политички поени и видливост во јавноста“, појасни Трипуновски.