Брза реакција на Министерството и Брисел ја поздрави

Веднаш по акцијата во четвртокот, кога беа приведени повеќе лица, вклучувајќи го и директорот на Платежната агенција, националниот механизам за контрола привремено ја стопира дел од исплатата на ИПАРД средствата.

„Тоа е наша брза реакција за да провериме што точно се случувало во самата агенција“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во интервју за Канал 5 телевизија.

Тој нагласи дека Брисел ја поздравил брзата реакција на Владата:

„Сето тоа е искомуницирано со Брисел, и оттаму дадоа позитивна критика за брзата реакција. Со нашата реакција ќе превенираме евентуални други несакани последици. Она што ние како држава ќе го направиме во проверките, ќе биде испратено како извештај до Брисел, за да дефинираме што се случувало.“

Девијантно однесување, а не системски проблем

Министерот објасни дека станува збор за девијантно однесување на еден од вработените, а не за системот како целина. Агенцијата е поделена на две структури: едниот дел управува со националните плаќања и субвенции, додека другиот се однесува на ИПАРД средствата, кои сега се под национална ревизија.

Трипуновски ги смири земјоделците, истакнувајќи дека контролата се однесува само на околу 50 договори, а не на 450, како што посочува опозицијата:

„Исплатите за субвенциите ќе продолжат тековно, земјоделците не треба да се грижат. Се работи за 50-тина предмети кои се од претходно објавени повици да бидат дозавршени, а не за 450 апликанти.“

Назначен нов директор и продолжување на работата

На последната владина седница е назначен нов директор на Агенцијата, кој ќе го движи процесот одвнатре и ќе спречи застој.

Трипуновски истакна дека, во однос на евентуална вмешаност на ОЛАФ, институцијата ќе ги следи сите обврски:

„Последниве години ОЛАФ беше присутен во Платежната агенција, доаѓа без најава. Она што ние сме го преземале согласно нашите надлежности е позитивно поздравено од Брисел. Дали ќе дојде ОЛАФ не знам, но ние ќе провериме и ќе испратиме извештај до Брисел, а потоа ќе продолжиме со тековното работење.“