Тројца полициски службеници се повредени, а пет лица се приведени за време на вчерашниот протест против францускиот предлог.

– Двајца од полициските службеници се здобија со повреди при инцидент во близина на споменикот „Скендербег“, каде со брза реакција на полицијата беше избегнат поголем инцидент, при што веднаш беше приведен Е.Ј. (40) од Скопје, осомничен за пукање од пиштол. Пиштолот е обезбеден, за случајот е известен јавен обвинител и по негово документирање против лицето ќе биде поднесен соодветен поднесок, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Како што соопшти Министерството, лишени се од слобода уште три лица поради фрлање со тврди предмети кон полициски службеници.

– Еден полициски службеник беше повреден со тврди предмети пред Собранието и задржан е на болничко лекување. Уште едно лице е приведено пред угостителски објект на подрачјето на Центар, поради снимање со дрон без дозвола, додаваат од МВР.

За време на собирот пред Собранието, Министерството информира дека е регистриран и настан во кој учесници во протестот се обидувале да отстранат група на маскирани лица, кои предизвикувале инциденти.