Тројцата Бугари кои навредуваа полицајци на граничниот премин „Деве Баир“ се изведени пред судија на претходна постапка, во судот во Крива Паланка. Тие се гонат за сторен прекршок, односно нарушување на јавен ред и мир. Меѓу нив е и пратеникот на „Вазраждане“ Ангел Георгиев.
Од тројцата се бара да одговараат за нарушување на јавниот ред и мир. Засега не е познато дали ќе се бара одговорност и за навредите упатени кон полициските службеници.
Од претходни искуства, извори за „Макфакс“ велат дека тие покрај тоа што можат да добијат казна до 150 евра, не се исклучува можноста да добијат и забрана за влез во државата и до година дена.
За потсетување, полицајци уапсија три лица поради тоа што повеќе часови додека чекаа на границата упатуваа навреди кон нив.
„Околу 12.45 часот на Граничниот премин Деве Баир дошло до нарушување на јавниот ред и мир од страна на Г.З (35),А.Х(50)и Р.Х(54) бугарски државјани кои најпрво вербално, дрско и недолично со најпогрдни зборови се однесувале а потоа се обиделе и физички да ги нападнат полициски службеници кои преземале службени дејства,при што се приведени и се работи на целосно расчистување на случајот“, соопшти МВР.