Канадскиот премиер Џастин Трудо синоќа изјави дека полицијата и сите нивоа на власт се подготвуваат да преземат акција против камионџиите, кои со денови протестираат против мерките за ограничување на коронавирусот и прописите за вакцинација, јави ДПА.
Демонстрантите мора да се откажат од блокадите или да се соочат со тешки последици за какви било незаконски активности – последици кои вклучуваат можност за кривично гонење и големи финансиски казни, рече Трудо, пренесен од националната телевизија Си-Би-Си.
Трудо додаде дека федералната влада веќе нема да ги толерира активистите кои ја „земаат економијата во заложништво и го запираат животот во главниот град на нацијата.
Протестите почнаа кон крајот на минатиот месец со конвој од стотици камиони во главниот град Отава. Оттогаш „Конвојот на слободата“ и демонстрантите ги продолжуваат протестите во близина на канадскиот Парламент, пренесе ДПА.
Камионџии го блокираа мостот „Амбасадор“ меѓу Виндзор во канадската провинција Онтарио и американскиот град Детроит во државата Мичиген, како и други гранични точки.
Првичниот поттик за протестите беше барањето на кандаските власти за вакцинирање на камионџиите кои се враќаат од САД, а беа воведени во јануари, но демонстрациите сега се насочени кон севкупните владини пандемични ограничувања.
-Сè е на маса бидејќи оваа незаконска активност мора да заврши и ќе заврши, рече Трудо по телефонскиот разговор со американскиот претседател Џо Бајден.
„Се разбира, сега не можам да кажам многу повеќе за тоа кога и како сето ова ќе заврши, бидејќи за жал, ние сме загрижени за насилството“, додаде тој.