Соединетите Американски Држави веднаш воведоа царини од 50% за најголемиот дел од индискиот извоз, откако претседателот Доналд Трамп реши да ја казни Индија поради нејзините купувања на руска нафта со попуст. Потегот ризикува да нанесе сериозен удар врз индиската економија, да ги наруши глобалните синџири на снабдување и да ја разниша довербата во идните односи меѓу двете земји.

Тарифите стапија на сила во средата по полноќ во Вашингтон и ги погодија секторите како текстил, скапоцени камења, накит и морска храна, кои зависат од американскиот пазар. Поголемиот дел од индискиот извоз во САД, вреден 87,3 милијарди долари лани, сега е опфатен со царините. Некои клучни производи, меѓу кои и паметните телефони, засега се поштедени.

Ова е второ зголемување за кратко време – претходно во август царините беа поставени на 25%, но Трамп објави удвојување, тврдејќи дека купувањата на руска сурова нафта од Њу Делхи индиректно ја финансираат војната на Русија против Украина. „Тие можат да ги срушат своите мртви економии заедно, ич не ми е гајле,“ напиша Трамп на Truth Social.

Индија возврати пркосно. Премиерот Нарендра Моди ги повика граѓаните да купуваат домашни производи. „Притисокот може да се зголеми [од царините], но ние ќе го поднесеме,“ рече тој, додавајќи ја мантрата „Произведено во Индија“.

Министерот за надворешни работи С. Џаишанкар го нарече американското барање за стопирање на купувањата на руска нафта „неоправдано и неразумно“ и го обвини Западот за лицемерие, потсетувајќи дека Европа тргува многу повеќе со Русија.

Економистите предупредуваат на последици: главниот економист на „Голдман Сакс“ за Индија, Сантану Сенгупта, изјави дека трајни царини од 50% би можеле да го намалат растот на БДП под 6%, од прогнозирани 6,5%. Конкурентски извозници од Турција до Тајланд, со пониски царини, веќе ги привлекуваат американските купувачи.

Околу 30% од индискиот извоз во САД – фармацевтски производи, електроника, суровини за лекови и рафинирани горива – во вредност од 27,6 милијарди долари, остануваат без царина. Но секторите кои со децении зависат од американските нарачки сега очекуваат пад.

Висок индиски трговски функционер, анонимен, изјави дека довербата е најголемата жртва: „Трамп го упропасти тоа. Солидниот стратешки однос што се градел со години е во опасност. Ќе потрае долго време за да се рестартира, а веројатно нема да се случи додека Трамп не си замине.“

Иако Трамп ја обвини Индија за финансирање на руската војна, не презеде слични мерки против Кина, која исто така е голем купувач на руска сурова нафта.