Инцидент доцна вечерта, пратеничката случајот го пријавила во полиција

Пратеничката и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, синоќа околу 23 часот била директно изложена на закана пред зградата во која живее, кога автомобил со охридски регистарски таблички ѝ го пресретнал патот. Од внатрешноста на возилото ѝ била упатена заканувачка порака: „Цаци, готова си“, потврди Петровска за „Слободен печат“.

Петровска веднаш по инцидентот се упатила во полициска станица, каде што пријавила конкретно лице од Охрид, за кое, според неа, постојат основи да се сомнева дека е директно поврзано со случајот. Таа вели дека заканата е поврзана со нејзиното неодамнешно пратеничко прашање поставено во Собранието.

Позадината на случајот – прашање за заштита на дете

Во изјавата за „Слободен печат“, Петровска објаснува дека минатата недела поставила прашање во врска со случај во кој Центар за социјални работи се обидел да го одземе старателството на мајка и без судска одлука да го додели на таткото. Таа посочува дека прашањето не се однесувало на судската пресуда, туку на постапувањето на конкретен службеник од Центарот.

• „Зборовите што ми ги упати беа ’Цаци, готова си’. Во станица посочив дека нападот доаѓа после пратеничко прашање кое го поставив минатата недела во врска со дете одземено од неговата мајка и доделено старателство на таткото, но моето прашање не беше за самата судска предуда туку за постапувањето на службеник од Центарот за социјални работи кој без да има таква одлука се обидел да го одземе детето од мајката и да го предаде на таткото. Причината поради која знам за ова е затоа што самата сведочев во два наврати дека детето не сакаше да се оддели од мајката, бидејќи таа живее кај мене на спрат“, изјави Петровска.

Пратеничката вели дека директно била сведок на обидот за одвојување на детето, при што се уверила во неговата отпорност и емоционалната врзаност со мајката.

Повик за институционална реакција

Инцидентот отвора сериозни прашања за безбедноста на народните избраници и за притисоците што можат да произлезат поради нивната јавна и законодавна работа. Случајот сега е во рацете на полицијата, која треба да утврди дали има основи за кривично гонење за закана по живот и безбедност.