Министерот ги објасни реформските заложби и рационализацијата на јавниот сектор
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, реагираше на предлозите на дел од невладините организации и граѓанските здруженија за формирање на ново тело или проширена комисија со сопствена администрација. Според него, ваквиот пристап е спротивен на реформската политика на Владата и на Министерството.
Минчев нагласи дека формирањето на ново тело би значело дополнителни финансиски трошоци и нова администрација, што не се согласува со заложбите за рационализација и ефикасност.
„Ако ние кратиме членови во управни одбори во овој закон, и ако оваа Влада и Министерството за јавна администрација се залагаат за реформи и намалување на ваквите тела, тогаш е нелогично да формираме ново габаритно тело, нова комисија која ќе создава дополнителни трошоци во буџетот“, изјави министерот.
Закон за организација и работа на органите на државната управа
Минчев објасни дека во следниот закон што го подготвува Владата, Законот за организација и работа на органите на државната управа, е предвидено намалување на 40% од буџетските корисници на органите на државна управа.
„Доколку имаме институции во кои надлежностите се преклопуваат, или имаат слични или исти надлежности, логично е тие да се рационализираат, а не паралелно да формираме нови тела“, нагласи министерот.
Минчев потсети дека критериумите за избор на раководни позиции остануваат високи и строго дефинирани. Изборот на одредени позиции ќе се врши од страна на комисија составена од професионални административни службеници од соодветната институција, со цел обезбедување на експертиза и професионализам.
