Зголемен интерес за дрва и пелети
Иако температурите сè уште се високи, голем број граѓани во земјава веќе почнаа со подготовките за грејната сезона. Тие најмногу купуваат дрва и пелети, а интересот кај складиштата и трговците е стабилен.
Според понудата на пазарот, кубен метар бука чини од 3.900 до 4.500 денари, додека за кубик даб цената е од 4.000 до 4.500 денари. Во повеќето случаи во цената е вклучена и доставата. На огласите може да се најдат понуди од 3.000 до 5.400 денари за кубик дрва.
Ценовници и трендови на пазарот
ЈП Национални шуми продолжува да продава по ценовникот од ноември 2024 година. Цената за кубик бука изнесува 3.744 денари, јасенот чини 3.504, тополата 3.384, додека елка, бор и молика чинат по 2.460 денари. Костенот се продава за 3.840 денари, а багремот за 3.864 денари.
Во последните години пелетите стануваат се попопуларни. Граѓаните сè помалку користат јаглен за огрев, а цената на пелетите е стабилна. Пакување од 15 килограми пелети од прва класа чини од 210 до 380 денари, зависно дали се домашно производство или увозни. Пелетите од втора класа се продаваат по цена од 230 до 235 денари.
Во Македонија најчесто се увезуваат пелети од Босна, Црна Гора и Србија, но има и домашно производство.
Компанијата „Еко Лајф“ од Ранковци информира дека годинава побарувачката е голема. Цената кај нив за вреќа од 15 килограми е 249 денари, а се нудат пелети од бор и од бука.
Од „Пелет центар“ во Скопје велат:
„Интересот е голем и за пелети и за брикети. Цената за двете класи се движи од 230 до 255 денари за пакување од 15 килограми. Брикетите чинат меѓу 17.000 и 19.000 денари за тон. Снабдувањето моментално оди без проблеми“.
Домаќинствата меѓу дрво, пелети и струја
Граѓаните велат дека сè почесто ја напуштаат традиционалната употреба на дрва, иако дел и понатаму ја одбираат поради дополнителните придобивки.
Аце од Ѓорче Петров вели:
„Не сме приклучени на скопското парно. Испробавме дрва, нафта и пелети. Последниве години цената растеше, па оваа сезона се одлучивме за греење со инвертер. Ќе видиме дали ќе ни се исплати“.
Негова сограѓанка има поинакво мислење:
„Јас сè уште се греам на дрво. Освен што грее, со шпоретот и готвам. Поради потоплите зими трошам помалку, останува и од минатата година. Но, младите не сакаат дрва бидејќи бараат чистење и палење“.
Според статистиките, најголем дел од домаќинствата во земјава немаат централно парно греење. Затоа изборот за огрев се прави според финансиските можности – дрво, пелети, струја или друг енергенс.
Вообичаено, грејната сезона трае од средината на октомври до крајот на март. Сепак, поради климатските промени, последниве години зимите се потопли и се троши помалку огревно гориво.