Министерката Весна Јаневска најави дека сите производи за ученици во училишната кошничка ќе се продаваат по цени од 1 јуни – мерката веќе е донесена

Цените на училишната кошничка ќе бидат пресметувани според вредностите што важеле на 1 јуни оваа година. Оваа мерка е донесена од Владата, информираше министерката за образование Весна Јаневска.

Со оваа одлука, како што рече министерката, се обезбедува поевтин училишен прибор за сите семејства, особено пред почетокот на учебната година.

Вчера донесовме одлука за училишната кошничка и еве ги информирам родителите дека ќе бидат цените кои важеле на 1 јуни годинава. Тие цени ќе бидат за целиот училишен прибор, почнувајќи од ранци, боички, фломастери, тертатки, сѐ што е потребно за едно дете да тргне на училиште е опфатено со оваа мерка и веќе е донесено. На 1 септември ќе биде цената што била на 1 јуни, тоа сигурно е 10 проценти помалку од денешните цени, рече министерката Јаневска во гостувањето на Канал 5 телевизија, во емисијата „Вести плус“.

Министерката истакна дека родителите ќе можат да купат сеопфатен училишен прибор, по значително поповолни услови. Според проценките, разликата во цените изнесува приближно 10 проценти, што ќе значи реална заштеда за секое семејство.

Идејата за воведување на училишната кошничка првично беше најавена од премиерот Христијан Мицкоски. Тој изјави дека Владата планира до септември да ја имплементира мерката, која ќе го опфати целиот неопходен прибор за учениците.

Во понеделникот, премиерот посочи и дека се разгледуваат неколку концепти за регулирање на цените во маркетите. Дополнително, Владата ја анализира законската рамка за евентуално санкционирање на субјектите кои драстично ги зголемиле цените во изминатиот период.

Со оваа владина мерка, училиштата и родителите ќе добијат предвидлива и поекономична подготовка за новата учебна година, велат надлежните.