Вчера заседаваше Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ каде беа донесени повеќе одлуки во најголем дел активно поврзани со тековните подготовки за претстојниот редовен Конгрес кој ќе се одржи на 6 Декември во Кавадарци.

Беше донесена одлука за избор на делегати кои ќе учествуваат и одлучуваат на Конгресот. На Конгресот ќе учествуваат над 800 делегати, а генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски беше овластен да ја утврди конечната листа на делегати согласно статутот на ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа беше формиран и организациски одбор кој треба да го подготви Конгресот.

На Централниот Комитет беше донесена одлука за разрешување на Илија Стоилев од местото Претседател на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Свети Николе, по случајот на злоупотреба на средства во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Исто така беше донесена одлука за разрешување на Гоце Стоиловски од местото претседател на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Македонска Каменица.

На Централниот Комитет стана збор и за резултатите од последните локални избори каде ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и историски висока победа што претставува одговорност за работа и постигнување на резултати и ветеното пред граѓаните на Република Македонија.