Поплавени и ризични точки низ државата

Во последните 24 часа поради обилни врнежи од дожд и снег, повеќе реки во државата покажуваат зголемени водостои, а на некои локации се регистрирани поплави и одрони, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во Битола, одрон го блокирал магистралниот пат Е-65, додека Сива Река се излеала во близина на локалитетот Хераклеја.

– На подрачјето на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане водостоите се зголемени, но засега нема опасност од излевање, информираат од ЦУК.

Во Кратово, поради повремени врнежи од дожд, се забележува покачување на нивото на Кратовска и Крива Река, без излевање. Во Новаци, водостојот на Црна Река достигнува приближно 280 сантиметри, додека во Демир Хисар е забележано умерено зголемување на водостојот на реката Црна, без значителни излевања.

Евакуации и поддршка во Кичево

– Во Кичево евидентирани се 250 евакуирани лица, односно 63 семејства, на кои им се обезбедуваат храна, вода и неопходна поддршка, се наведува во соопштението на ЦУК.

Екипи на комуналните служби работат на расчистување и продлабочување на речното корито на Зајашка Река, како и на чистење на канализациската мрежа. – ТППЕ врши испумпување вода од подруми на повеќе улици по пријави од жители, додаваат од ЦУК.