Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево започна со тестирање на новиот систем за рано предупредување и информирање на граѓаните преку СМС пораки.

Голем број граѓани денеска добија порака со следната содржина:

„Ве известуваме дека на територија на цела држава е прогласена кризна состојба за полесно справување со шумските пожари. Воедно ве известуваме и дека во сила е забраната за движење во шумите.“

Од ЦУК појаснуваат дека ова е тест-порака, дел од пробна фаза на новиот систем кој наскоро треба целосно да се имплементира.

Целта на тестирањето, велат од ЦУК, е да се провери техничката подготвеност на мобилните оператори, односно колкав број корисници може да добијат порака истовремено без пречки во мрежата и преносот на информациите.

Системот е замислен да се користи во случаи на пожари, поплави, земјотреси и други кризни состојби, за навремено известување и предупредување на населението.