Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, заедно со дежурните екипи на бројот за итни повици 112 и Секторот за операции, континуирано ја следи состојбата по обилните врнежи низ државата. Од ЦУК апелираат до граѓаните, доколку имаат потреба од помош или забележат проблеми, истите веднаш да ги пријават на телефонскиот број 112.

Според пријавите и реализираните интервенции заклучно со 21:00 часот на 7 јануари 2026 година, регистрирани се следните состојби:

На патниот правец Гостивар–Стража се евидентирани одрони, но сообраќајот се одвива редовно, додека на правецот Тетово–Бањиче има одрони покрај коловозот кои го отежнуваат сообраќајот. Кај таканаречениот „Цртан ѕид“ на истиот патен правец регистрирани се свлечишта и одрони, кои се расчистени со багер и патот е соодветно обележан.

Во селото Балин Дол е забележано излевање на реката Вардар, при што се поплавени околу 10 земјоделски парцели и неколку дворови. Поради состојбата, ХЕЦ Маврово го намалило производството на електрична енергија. Во селата Мало Турчане и Горно Бањице се излеале Лукавичка и Сушичка Река, при што е поплавено земјоделско земјиште, а општината не располага со соодветна механизација. Во селото Форино паднато дрво во коритото на Вардар претставува ризик од поплава, поради што екипа со моторна пила е испратена на терен.

Во Битола и околината, во селото Лера е регистрирана поплава кај мостот со можност за проширување кон селото, додека во селото Породин е поплавена живинарска фарма. Во Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски земјишта, иако реките не се излеале. Одронот кај селото Сирхан е отстранет.

На подрачјето на Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови, при што интервенирале јавните претпријатија и локалната самоуправа. Во Кичево, на улицата „Прилепска“, поплавени се повеќе станбени објекти, а евакуирани се околу 60 лица кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.

На патниот правец Охрид–Пештани, кај хотелот „Гранит“, регистриран е одрон, но патот е прооден, а расчистувањето на поголемите наноси се очекува во наредните еден до два часа. Во Струга, на правците Татеши–Мислодежда и Дебар–Струга, во тек е расчистување на свлечишта и одрони.

Во Општина Боговиње, поради излевање на вода од канал поврзан со изградбата на автопатот, поплавено е обработливо земјоделско земјиште, при што нема загрозени станбени објекти.

Од ЦУК информираат дека сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи, а граѓаните се повикуваат на зголемена внимателност и почитување на официјалните препораки и известувања.